Блог пост

Што е извод од детален урбанистички план и зошто ти е потребен?

Што е извод од детален урбанистички план и зошто ти е потребен?

Пред да купите земјиште на кое планирате да градите објект прво проверете дали има имотен лист и секако извод од дуп во кој ќе прочитате дали може да се гради на земјиштето, колкава градба е дозволена, за која намена е дозволено да се гради на истото и многу други информации кои се неопходни да ги знаете.

За да извадите извод од урбанистички план (ДУП) потребен ви е имотен лист не постар од 6 месеци кој може да го извадите од катастар (чини 180 денари) или прочитајте повеќе >> како до имотен лист по електронски пат. Имотниот лист ви го издаваат на денот на поднесувањето на истиот. Потоа, со новиот имотен лист поднесувате барање за ДУП во општина (чини 540 денари) и ќе ве контактираат во рок од 3-5 работни денови да си го подигнете.


Обврските на локалната самоуправа од областа на просторно и урбанистичко планирање се одредени од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Тука спаѓаат – видови и содржини на планови, изработување и постапка за донесување на плановите, спроведување на плановите и следење на нивната реализација, надзор и др.

Видови урбанистички планови:
1. Генерален урбанистички план
- се донесува за населено место град утврдено со Закон од страна на советот на град Скопје.
2. Детален урбанистички план 
- се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план од страна на советите на општините на град Скопје.
3. Урбанистички план за село 
- се донесува за подрачје на населено место во општината од селски карактер од страна на советите на општините со седиште во град и во село.
4. Урбанистички план вон од населено место
- се донесува за подрачја на општините кои не се опфатени со генералниот урбанистички план од страна на советите на општините со седиште во град и во село.

Изводот од детален урбанистички план содржи:
1. Текстуален дел составен од:
- Општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето;
- Посебни услови за изградба на градежните парцели;
- Податоци за сообраќајни, комунални и телекомуникациски инфраструктури;
- Мерки за заштита на културно наследство, природата и животната средина и др.
2. Графички прикази на планските решенија на опфатот составени од:
- Површини за градење;
- Максимална висина на градбата;
- Намена на земјиштето и градбата;
- Парцелација на градежното земјиште;
- Граница на планскиот опфат;
- Регулациони линии и др.
3. Нумеричкиот дел составен од: 
- Податоци за површина на градежната парцела;
- Планирани површини за градење;
- Максимална висина на градбата изразена во метри до венец и др.

Заклучок:
Доколку ви одговараат условите по кои е дозволено да се гради на земјиштето кое сакате да го купите наредно што треба да обезбедите е останатата документација за добивање одобрение за градба. Секако, доколку продавате земјиште треба да ги обезбедите сите потребни документи за да го понудите истото на продажба.

С.Б.