Кога се купува стан или куќа, често доаѓа до забуна дали има тераса, балкон или лоѓија.
Тераса - отворен простор на тлото или кровот на зградата кој претставува продолжеток на дневната соба или друг дел од станот или куќата.
Балкон - надземна платформа која излегува од рамнината на фасадата на објектот и е заградена со ограда или со парапетен ѕид.
Лоѓија - отворен простор, дел од повеќекатница која со габаритот не излегува од рамнината на фасадата, туку веќе на фасадата има ограда или ѕид.
Трем - отворен простор кој се наоѓа на влезот на куќата и е покриен.
Балконот и лоѓијата се употребуваат кај зградите или кај куќи на повеќе спратови. Балконот е испакнат од фасадата на објектот, на посебна плоча и од три страни може да биде ограден со метална ограда, парапетен ѕид, стакло или слично. Додека, лоѓијата е дел од објектот, односно во рамнина со фасадата и од три страни е заградена со ѕид. Лоѓијата е поставена на плоча од самата зграда и се смета за постабилна и издржува поголема тежина, додека балконот е додадена плоча, не трпи преголем терет и доколку се затвори како дополнителна просторија тешко се загрева, односно нема добра изолација како лоѓијата.
Н.Ц.