Првенствено кујната е простор во домот каде се поврзува семејството и треба да биде прикладно сместена во станбениот простор. Распоредот во кујната зависи од големината и формата на просторијата.
При планирање на нова кујна потребно е да се дадат одговори на повеќе прашања:
• За кого е наменета?
• За колку лица е наменета?
• Колку често ќе се готви?
• Колкав простор е потребен за складирање?
• Дали во семејството има деца?
• Дали сите членови на семејството обедуваат заедно или одвоено?
• Дали често има гости?
• Колку вкупно би чинеле сите елементи?
При планирање на распоредот треба да се следат следниве правила за кујната да биде функционална:
• Оставата за храна да биде во близина на местото каде ќе се спушти торбата од пазарењето, а тоа да биде во близина кај влезната врата,
• Оставата за храна да биде што поблизу до работната плоча,
• Апаратите за готвење да бидат близу мијалникот,
• Машината за садови да биде сместена до ормарот за садови и корпата за отпадоци,а во близина да е и мијалникот,
• Вкупната одалеченост помеѓу кујнските елементи и апарати не треба да биде поголема од 6 метри,
• Кујната не би требало да биде просторија преку која се влегува во друг простор
Едноставниот распоред најчесто е најефтин и најефективен. Доколку обликот на просторијата дозволува, најдобро е да се монтираат високи кујнски ормари, вграден фрижидер, машина за миење садови и шпорет по должина на еден ѕид, а останатиот простор да остане недопрен.
Постојат три вида распоред на покуќнина и опрема во кујната:
• Распоред во формата на буквата U – кујнските елементи распоредени се на три ѕида и овој начин на планирање на кујнскиот простор исклучиво е наменет за големи површини. Во вакви простори има големи можности за комбинирање на елементите во кујната, но треба да се држиме до основното правилото за оранизирање на просторот. Истотака треба да се обезбеди доволно растојание помеѓу елементите за непречено движење.
• Распоред во формата на буквата L – овој распоред е погоден за поголеми простори, со што е одвоен работниот дел од делот за чување на намирниците. При поставување на кујнските елементи во облик на буквата “L” се создаваат агли кои можат практично да се искористат со елементи поставени во аголот, кои се нешто поскапи, но овозможуваат максимално искористување на простор.
• Распоред во низа (паралелен распоред, бродска кујна) - оваа композиција е компактна, бидејќи елементите во кујната завземаат простор само на еден ѕид. Овој распоред најчесто се јавува кај помалите кујни.
Сепак понекогаш е тешко да се постигнат вакви форми, односно распоред на елементите во кујната, поради положбата на вратата, прозорецот или водоводните и други инсталации. Тоа е една од главните причини да не се придржувате слепо до теоријата и начелните правила. Важно е распоредот да е функционален и да ги исполнува вашите функционални и естетски барања.
Најважно е елементите и предметите да се на дофат на рака. Основно правило при организација на просторот во кујната, кое го опишува идеалниот распоред гласи : фрижидер – работна површина – мијалник – работна површина – плоча за готвење – работна површина. Оваа шема го следи редоследот на приготвување на јадењата, вклучувајќи го и миењето и обработката на намирниците, готвењето, како и сервирањето на храната. Независно од тоа дали елементите во кујната ќе бидат поставени во низа, во форма на буквата U или L , би било добро да се постигне идеален распоред или приближен на него.
Н.Ц.