Блог пост

Пронајдете го вашето идеално решение за греење во вашиот дом - Дел 2

Принципи на греење со клима уред и геотермална топлинска пумпа

Греење со електричен клима уред

Потрошувачката на електрична енергија кај клима уредите по единица произведена топлинска енергија е помала од сите други електрични грејни уреди.

Принцип на греење со клима уред

Клима уредите работат на принцип на топлинска пумпа и при греење користат додатна топлинска енергија од надворешниот воздух. Најладниот надворешен воздух во себе има акумулирано топлинска енергија која клима уредите ја користат при затоплување на внатрешниот простор. 

Како греат / ладат ?

Клима уредот загрева на обратен начин од начинот на кој се лади. Најчесто оние системи кои се користат за домашна употреба (сплит системи) се состојат од надворешна и внатрешна единица на уредот. Кога клима уредот лади, доколку ја ставите раката во предниот дел на внатрешна единица ќе почувствувате ладен воздух, а кога ја ставите рака на надворешна единица ќе почувствувате топол воздух. Кога клима уредот грее, тој работи на обратен начин од ладење. Внатрешната единица произведува топол воздух а надворешната ладен воздух. Значи, уредот работи во спротивна насока.

Предности / слабости:

Клима уредите нудат најоптимално решение кое обезбедува за најниска можна цена удобно чувство во домот. Ова значи:

• Оптимална инвестиција

• Оптимална потрошувачка на електрична енергија

• Оптимално потребно одржување

• Постигнување на температури кои обезбедуваат нормални услови за живот во зимскиот и летниот период.

Совет:

Колку е помала разликата помеѓу температурата на надворешниот воздух и температурата на издувниот загреан воздух  внатре во просторијата, толку ефикасноста на клима уредот е поголема и обратно. Затоа, треба да се знае дека ако клима уредот се користи за греење, надворешната единица по можност да не се става на северната страна на објектот. Ако клима уредот се користи за ладење, надворешната единица треба да се стави на северната страна на објектот или барем да не е изложена на директно сончево зрачење. Така ќе се постигне поголема ефикасност на клима уредот, а сметката за потрошена електрична енергија ќе ви биде помала.

Клима уредите имаат повеќе функции, тоа се:

• Ладење

• Греење

• Прочистување – содржат посебни филтри кои ја апсорбираат прашината, димот и останатите нечистотии од воздухот и на тој принцип тие произведуваат чист и свеж воздух. 

• Одвлажнување – кога клима уредите работат во режимот на ладење, тие можат да одржуваат одредена влажност на воздухот. 40% - 60% влажност на воздухот е најпријатна за човечкиот организам.

• Вентилација - го превземаат воздухот од внатрешноста на просторијата и него го заменуваат со свеж воздух од надвор. Во меѓу сезоната кога греењето и ладењето не е потребно вентилацијата преку климатизерите може да си работи посебно.

Постојат повеќе видови на клима уреди, како се усовршува технологијата така и клима уредите стануваат се посовршени, едноставни за монтажа, користење и се по економични.

Видови на клима уреди:

• Статични ѕидни или прозорски клими - меѓу првите клими составени од една единица која се монтира со поставување на самиот прозорец или со правење на дупка во ѕидот за да може да се монтира климата. Доста се бучни и во последно време скоро и да ги нема на пазарот.

• Стандарден сплит систем – една надворешна единица (моторот) и една внатрешна единица. Овие клими најчесто се користат од -5/-7 до 40/43 степени целзиусови.

• Инвертер сплит систем- една надворешна единица (моторот) и една внатрешна единица. Најчесто се користат од -15/-20 до 50 степени целзиусови.

• Мултисплит систем – една надворешна единица (моторот) и можност за поврзување до 5 внатрешни единици (во секоја соба посебно), каде секоја единица посебно се контролира и си има свое далечинско за управување. Покрај стандардната внатрешна единица - ѕидна (која се поставува високо на ѕид) постојат и фенкојлери (радијатори) и плафонски, кои се поврзуваат со надворешната единица.

Греење / ладење со геотермална топлинска пумпа

Принцип на греење со геотермална топлинска пумпа:

Геотермалната пумпа работи на ист принцип како и клима уредите, но наместо топлината да ја одзема од надворешниот воздух, оваа пумпа ја одзема топлината од земјата. За таа цел, во земјата на длабочина од најмалку 1,5 метри се закопуваат пластични црева низ кои циркулира вода, или друг течен медиум, која служи како изменувач на топлина. На длабочина од 1,5 метри и подлабоко во земјата, температурата изнесува приближно колку средната годишна температура за соодветно географско подрачје.  

Геотермалната топлинска пумпа ја користи оваа температура преку водата (или друг течен медиум) што циркулира низ закопаните црева, а самата топлинска пумпа работи врз основа на термодинамички процес познат како Карноов кружен процес. Освен за греење, геотермалната топлинска пумпа може да се користи за ладење во текот на летото (исто како клима уредот).

Освен ваков затворен геотермален систем, кај кој во затворен систем од подземни црева циркулира водата (или друг течен медиум) како изменувач на топлина, постои и отворен геотермален систем кој ги користи подземните води кои ги црпи преку специјално направени бунари. Отворениот геотермален систем ја одзема температурата на подземната вода, а потоа оладена ја враќа назад во земјата преку специјални дупки (бушотини). За работа на овој отворен геотермален систем потребно е да има подземни води на местото каде што ќе се користи системот.

Предности / слабости:

Инвестициските трошоци за геотермалниот систем на греење се поголеми, но ова се компензира со пониските трошоци при долгогодишната експлоатација.

Продолжете со читање на наредната статија Дел 3 . 

Н.Ц.

Тагови: греење