Блог пост

Паркет, ламинат или таркет - идеално решение за под во домот

Кога го уредувате домот водите евиденција за секоја ситница која придонесува за негова автентичност и удобност. Како што ви е битно каква боја ќе бидат ѕидовите и мебелот, уште поважно е и каков вид на под ќе примените во просториите.

Постојат повеќе видови на подови, како што се:

• Паркет

• Трослоен паркет- познат како таркет

• Ламинат

• Бродски патос

• Винилен под – сличен е на линолеумот но е вештачки создаден.

• Линолеум подови- потполно природен ( најчесто се користат во училишта, градинки, болници и амбуланти бидејќи се антиалергени).

Кај нас во домовите најчесто се користат паркетот, таркетот и ламинатот. Тоа се сепак подни облоги во чиј состав  има дрво кое дава дополнителна топлина во домот.

ПАРКЕТ

Паркетот е доста популарен и неговата примена е широко распространета. На просториите им дава посебен идентитет, чувство на топлина и удобност. Она што првенствено го издвојува од останатите подови е тоа што е од природно дрво, доста е квалитетен и доколку адекватно се одржува може да трае и со генерации. Најчесто се користи во дневните простории, спалните соби и работните соби.

Монтажата на паркетот не е едноставна и е спора за разлика од останатите подови. Потребни се најмалку 21 ден додека се стигне до крајниот резултат. Кога ќе се испорача во собата во која треба да се монтира треба да одстои 24 часа на собна температура, потоа се реди и лепи и повторно се остава да одстои најмалку 2 недели. Следни чекори се стругање, китирање и лакирање на паркетот. Од кога ќе се исуши лакот, паркетот е спремен за употреба.

Паркетот лесно се чисти и одржува и бидејќи е со органско потекло совршен е за астмичари и оние кои се изложени на чести алергии.

Единствена маана е што паркетот е осетлив на влага и не е огненоотпорен.

Прочитајте повеќе >>  Како да го одберете идеалниот паркет во вашиот дом

ТРОСЛОЕН ПАРКЕТ – ТАРКЕТ

Трослојниот паркет е природно дрво кое дава топлина и удобност во домот и лесен е за одржување. 

Трослојниот паркет, познат кај народот како таркет, е составен од три слоеви на дрво кои меѓу себе се споени со лепак сочинувајќи една паркетна летва изработена во поголеми димензии. Трослојниот паркет најчесто се продава фабрички обработен и заштитен, со што неговата монтажа е едноставна и брза. За монтажа најчесто се користи клик системот кој овозможува и брзо демонтирање, но може и да се монтира со лепење.

ЛАМИНАТ

Ламинатот на прв поглед е сличен со трослојниот паркет, но по составот е многу поразличен. Лесен е за монтирање (клик систем), демонтирање и одржување. Поради отпорноста од абење и гребење ламинатот е совршен избор на под за најпрометните простории во домот.

Составен е од повеќе слоеви:

1. Горен, површински слој кој обезбедува трајност и отпорност од дамки, удар и гребнатини. Составен е од специјална синтетичка и со смола обработена целулоза да му даде на подот цврста и издржлива површина.

2. Принтан декоративен слој, кој дава конечен изглед и пружа неограничени можности при креирање на дезен,

3. Третиот слој е носечки и се составен од густ медијапан со кој ламинатот ја добива потребната цврстина и густина,

4. Последниот слој ги штити останатите слоеви од влага.

Постојат повеќе класи на ламинат : 

- класа 23 – погодни за тешка употреба во домашни средини, 

- класа 31 – погодни за лесна употреба во јавни средини, 

- класа 32 – погодни за умерена употреба во јавни средини и 

- класа 33 – погодни за тешка употреба во јавни средини.

Ламинатот е доста употребуван во домовите од причина што има доста позитивни страни како што се економичноста, лесното одржување и монтирање, пониската цена за разлика од трослојниот и масивниот паркет, големиот избор на дезени како што се налик на дрво, камен, бетон и мат, сјај и полусјај.

Н.Ц.