Блог пост

Општи поими и објаснувања за градежништвото

Што означува терминот градежен објект?

Градежен објект е секоја одвоена, самостојна функционална целина (подземна, надземна и водоградба), чија намена е однапред одредена и е трајно лоцирана на одредена територија.

Видови градежни објекти

Градежните објекти како дел од градежната дејност се делат на:

  •  Објекти од високоградба;
  •  Објекти од нискоградба

Објекти од високоградба:

Високоградбата е градежна работа што опфаќа изградба на објекти кои со својот поголем дел се наоѓаат над површината на земјата, односно одат во висина. Во оваа група спаѓаат сите станбени и деловни згради, односно сите згради кои се јавуваат како придружни објекти на објектите од нискоградбата и хидроградбата (станични згради, аеродромски згради, згради на трафостаници, пристаништа, силоси итн.). 

Зградите како елементи на високоградбата, а и според Номенклатурата за градежни објекти и градежни работи, се класифицирани во две групи: станбени и нестанбени.

 Објекти од нискоградба:

Нискоградбата е градежна работа што опфаќа изградба на објекти коишто претежно, односно со својот главен дел се наоѓаат на површината на земјата или во земјата. Во оваа група спаѓаат објектите од типот на патишта, железнички пруги, мостови, тунели, брани, насипи, мелиоративни системи, каптажни градби итн. 

Кои категории на градби постојат?

Градбите се поделени на пет категории според Законот за градење во Македонија:

Градби од прва категорија се градби од инфраструктура на државно ниво, електрични централи, далноводи, телекомуникациски мрежи, депонии за опасен отпад, нафтовод, гасовод, пруги, аеродроми, патишта итн.

Втората категорија се градби со државничка намена, преставништва на ОН и ЕУ, амбасади, и градби од инфраструктура на регионално ниво, водоводи, патишта, депонии, електрични централи, градби за одбрана и заштита итн.

Трета категорија се градби од образование, здравје, социјална заштита, индустрија, трговија, спорт, култура, религија, градби за домување повисоки од три ката и инфраструктура на општинско ниво, водовод, канализавија, гасовод, улици, прочистителни станици, депонии итн.

Четврта категорија се градби за домување до три ката.

Петта категорија се градби како семејни куќи, монтажни градби, спортски терени, споменици итн.

Согласно Закон за градење, градежните фирми мораат да имаат лиценца за изведувач, а во зависност од категоријата на градбите, има лиценца А, Б, Ц, Д и Е.

Може да ве интересира и потребна документација за добивање дозвола за градба

С.Б.