Кров над глава - основна цел на градење живеалишта, била и останала. Постојат куќи без темел и без ѕидови, но куќа без кров нема.
Многу традиционални и историски живеалишта како што се : игло на Ескимите, шатори на пустинскиот народ во Азија и Африка и многу други примери на планинска дрвена архитектура, не мораат да имаат ниеден друг архитектонски елемент освен кров.
Кровот е конструктивен склоп со кој завршува зградата / куќата. Неговата намена е да ги покрие и заштити просториите од надворешни влијанија (дожд, снег, ветер, сонце, високи температури, ниски температури, оган и др). Бидејќи однадвор е видлив, важно е архитектонското и естетското обликување на кровот.
Главни делови на кровот:
- кровна конструкција и
- кровна покривка.
Кровна конструкција
Кровната конструкција е носечкиот дел на кровот, ја носи покривката во одреден наклон. Покрај сопствената тежина ги прима сите други оптоварувања како што се: тежината на покривката, тежината на снегот, силата на ветерот и други случајни товари (тежина на човек, удар од разни предмети и сл.). Носечката кровна конструкција може да се изведе од: дрво, челик, армиран бетон, пренапрегнат бетон и други материјали.
Носечката кровна конструкција оптоварувањата ги пренесува на носечките ѕидови, гредни носачи или столбови, а овие на темелите и почвата.
Кровна покривка
Видот на покривката и наклонот се одредува според климатските услови, според видот и намената на објектот, архитектонско естетските услови и др.
Кога ја знаеме покривката, се одредува и носечката конструкција на која лежи покривката. Кровната покривка се изведува така што сета вода се собира на одредени места во хоризонтални и вертикални олуци и се одведува во атмосферска канализацијата. За секоја кровна покривка се изведува подлога поврзана со кровната конструкција.
Наклони
За правилно истекување на атмосферската вода од кровот секоја кровна површина мора да биде наведната кон стреата или кон олукот. Големината на наклонот зависи од климатските услови и видот на покривката. Материјалот за покривката зависи од големината на наклонот. Така имаме:
- за стрмни наклони се употребуваат разни видови, фалцованa и рамнa керамида, жлебеста керамида, сегментна керамида, шиндра, слама и каменшкрилец.
- за благи наклони се употребуваат разни плочи од вештачки производи како што се металните лимови, битуменска шиндра, кровните лепенки и сл.
- за рамните наклони како покривка имаат кровна лепенка, битуменски, катрански или асфалтни премази, метални лимови и сл.
Главни видови кровови
Според видот и големината на зградата, нејзиниот облик во основата и местото на изградба, а со оглед на практичните потреби и естетски барања, се изработуваат разни видови кровови. Тие се разликуваат најмногу по бројот на стреите (површините кои одат во исти наклон) т.е. најниските хоризонтални завршетоци на кровните рамнини и по специјалните облици кои ги сочинуваат кровните површини. Според тоа, имаме:
- едноводни кровови;
- двоводни кровови;
- троводни кровови;
- четириводни кровови;
- сложени кровови;
- шаторски кровови;
- пирамидални кровови;
- конусни кровови;
- мансардни кровови;
- назапчени (шед) кровови и др.
Конструкција на кровот која најчесто ја применуваат градежниците кај нас:
1. Плоча, челична конструкција или дрвена конструкција – може и да е комбинација плоча со дрвена конструкција;
2. Изолација – тервол 10 цм или камена волна;
3. Кровна конструкција најчесто дрвена, но се користи и челична;
4. Кровна покривка
Н.Ц.