Детското катче кое претставува место за творење, игра и одмор е од голема важност за детето. Уредувањето на распоредот и дизајнирањето претставуваат предизвик за родителите. Без разлика на квадратурата и дали се работи за едно или повеќе деца, треба да се биде креативен и иновативен за да се обезбеди комфорно и забавно катче за децата. Најпрво, треба да се размисли дека треба да се има простор за спиење, за играње и работен простор. Постојат повеќе начини и идеи на уредување на собата при што ќе биде функционално искористен просторот иако се работи за мал простор. Исто така, треба да се земе во предвид и возраста на детето да се прилагоди собата и да биде функционална кога детето ќе порасне, или барем да има делови во собата кои лесно и брзо можат да се прилагодат со тек на годините.
Доколку се работи за мал простор за едно дете може да се одбере оваа опција како на сликата каде што има работна маса со фиокар и кревет на спрат, како и гардеробер кој може да се вметне во делот до работната маса или под креветот на спрат или на некој друг ѕид.
Бидејќи се работи за кревети на спрат, треба да се обезбеди сигурна и висока ограда која со малку имагинација може да се изведе многу креативно и функционално. Исто така, скалите кои водат до креветот мора да се лесни и безбедни за качување.
Работната маса е пожелно да биде до осветлениот дел во собата односно прозорот да е во близина или да биде поставено веднаш под прозорот.
За да се заштеди на простор исто така има опција во делот на единечниот кревет да има фиока која што ќе се отвара со душек за намена втор кревет за спиење.
Доколку дозволува просторот на соба наменета за две деца, креветите може да се постават еден до друг со доволно простор за разминување, а пред секој од креветите по една работна маса.
Другата опција од овој тип е работните маси да се наместат помеѓу креветите, или пак да се изработи една поголема работна маса која собира 2 столчиња.
Деловите од мебелот можат да бидат мултифункционални и попрактични. На пример, во кревет за спиење да бидат вметнати фиоки кои што ќе се искористат за постелнина, играчки или облека која што не се употребува во определена сезона. Гардероберот доколку дозволува просторот е практично да се изработи од подот до таванот и да содржи повеќе полици. Ѕидовите може да се искористат за полици и фиокари кои можат да се прикачат повисоко на ѕидот да не зафаќаат простор а да бидат практично искористени.
Освен тоа, убаво би било да се обои некој од ѕидовите во различна боја освен белата. Секоја боја има некакво влијание врз особите што ќе престојуваат во собата. Повеќе околу оваа тема може да ви помогне следниот линк за боите во домот.
С.Б.